Модерни трендови во третман на срцеви заболувања

by | Jun 22, 2023 | Uncategorized | 0 comments

Нашето срце просечно чука 100,000 пати дневно, односно околу 35,000 000 пати годишно. Оваа совршена моќна, мускулна пумпа, го остварува циклусот на стегање и опуштање  непрекинато благодарение на сопствениот автоматизам на создавање и спроведување на електричните  импулси и на специјалната структура на срцевите мускулни клетки.

Веќе сме запознаени со најчестите заболувања на срцето кои можат да го ослабат, како на пример запушувањето на срцевите крвни садови, покачениот крвен притисок, различните видови аритмии и блокови, болестите на срцевите залистоци, заболувања на срцевиот мускул, кардиомиопатиите и тн.. Сите тие, доколку не се лекуваат навремено, водат кон срцево затајување и затоа најефикасното лекување се состои во нивната превенција.

Но, како да се лекуваат веќе настаните срцеви проблеми? Кои се современите начини на лекување на срцевите болести? За дел од нив веќе сме сигурно добро запознаени, но до каде се последните достигнувања во оваа област?

Стеснувањата на срцевите садови се третираат инвазивно (со внесување на катетер во артерискиот систем) и поставување на стент (направа која личи на пружина и се поставува на местото кое e стеснето, а по претходно проширување под притисок), но доколку тоа е невозможно, на пример поради голем број на срцеви крвни садови се стеснети или пак стеснувањето е на критично место, пациентот се испраќа на кардихируршко лекување со бајпас премостување. Тоа значи дека наместо да се постави стент со кој  проширува стеснетиот крвен сад и се овозможува нормален проток, стеснувањето се премостува со тн графт, односно дел од  артериските или венските крвни садови на самиот пациент.  Важно е да се напомене, дека сами по себе стентот или бајпасот, не можат значајно да го сменат текот на болеста, односно таа може за краток период да се врати, доколку пациентот не го смени животниот стил и биде физички активен спрема неговата состојба. На тој начин може да се спречи влошувањето на инфламацијата која всушност довела до стеснувањето. Во суштина овие реваскуларизациони методи, треба да овозможат пациентот да ја надмине критичната фаза кога протокот бил компромитиран, за да потоа во стабилната фаза, со постојана умерена физичка активност, срцето да биде стимулирано и да постигне физиолошко зајакнување на циркулацијата и тоа не само на главните артерии туку и на малите (микро) садови кои со својата огромна варијабилност во резистенцијата се важни регулатори на протокот на крв.

Операција на залистоци. Залистоците се срцевите вентили кои со своето отварање и затворање овозможуват тоа ритмички да преоѓа од фазата на систола (контракција) во фазата на дијастола (релаксација) и притоа крвниот проток  да се движи во контролиран правец.

Причините за заболувањата на залистоците се различни, на пример вродени, како пролапсот на митралниот залисток (еден или двата од залистоците се прекумерно големи и во фаза на систола не се залепуваат целосно при што се случува враќање на дел од крвта наназад кон преткомората) или дволисниот аортен залисток (бикуспидна аортна валвула) каде заради целосно или нецелосно раздвојување на ливчињата залистокот не се отвара и/или не се затвора целосно.  Волуменско оптоварување на срцето кое доколку е значајно и трае доволно долго, доведува до срцево ослабнување. Најчести, кај повозрасната популација, аортниот залисток дегенерира поради прекумерно таложење на калциум кој делува како цемент на залистоците и го попречува целосното отварање и/или затворање.

Кога овие промени се максимално изразени неопходно е да се направи операција која се состои или во хируршко поправање или во замена на залистокот со метална или биопротеза.

Операцијата се изведува на класичен начин со отварање на градниот кош по должината на градната коска или пак, на тн минимално инвазивен начин со мал рез од страна на градниот кош со цел да се избегне поголема траума од хируршката интервенција и да се скрати периодот на операцијата.

За повозрасните пациенти со тешка стеноза на аортниот залисток, постои опција со поставување на вештачки залисток интервентно, се нарекува процедура ТАВИ и значи дека вешташката протеза се поставува преку катетер и без отварање на градниот кош. Претходно се прави прецизна селекција на пациентот во смисол колкави се калцифицирачките промени, димензијата на аортата односно параметри кои се одредуваат со помош на ехокардиографија и КТ на аортата за да може со правилна проценка да се намалат можностите за компликации од процедурата.

Интервенција на митралниот залисток (Trans catheter edge – to – edge repair, Mitra – clip), претставува интервенција која се изведува истотака без отварање на градниот кош, со перманентно поставување на метален клип (закачалка) преку венскиот систем кој овозможува повторно нормално затворање на залистокот. Со корекција на проблемот на валвулата (прекумерното враќање на крв во левата преткомора) се спречува волуменското оптоварување на срцето кое води кон негова слабост и потреба за хирурко поправање на порблемот. Со МитраКлип процедурата овој проблем се решава интервентно, без хируршка интервенција.

ЦРТ или кардијална ресинхронизација. Претставува вид на пејсмејкер со кој кај ослабеното срце кое истовремено има блок на левата гранка, со помош на електроди, се постигнува едновремена, синхрона контракција на асинхроните делови. Ова е всушност револуционерна терапија на ослабеното срце поради долготрајниот ефект на нарушената и некородинирана механика на срцето заради срцевиот блок кој довел до замор на срцето и негово попуштање. Со поставување на пејсмејкерот оваа грешка се поправа и доколку не е настаната неповратна повреда на срцето, истото значајно се подобрува.

LVAD (Left ventricular assist device), направа која и помага на левата комора која се наоѓа во терминална фаза на слабост и која слуѓи како мост до трансплантација на срцето, но последно време со технолошкото усовршување и како целна терапија.

Во конзервативниот медицински третман, вреди да се споменат и новите генерации на лекови за срцева слабост од неколку класи, новите генерации на антикоагулантни лекови и други видови специфична терапија (за хипертрофична кардиомиопатија, вродена болест која се карактеризира со задебелени ѕидови на левата комора), кои значително влијаат на текот на срцевата болест и  намалување на симптомите.

Може да се заклучи дека навремената дијагностика со достапните методи на кардиолошки испитувања и соодветна терапија значително влијаат на исходот на голем дел од срцевите заболувања.